октомври 26th, 2011 — блогосфера, историја, колумни, лично, наука, општество Tagged МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И НАЦИОНАЛИСТИЧКИТЕ ТЕНДЕНЦИИ НА БАЛКАНСКИТЕ ДРЖАВИ - СО ПОСЕБЕН ОСВРТ НА ГРЦИЈА
Прашањето за посебноста на македонскиот јазик преставува секојдневна тема на „научна“ и политичка дискусија кај државите соседи на Р. Македонија. Користењето на застарена и несоодветна терминологија е често употребувана практика, со цел истиот да се дисквалификува, и покрај неговата кодификација, со која станал национален јазик на македонската нација. (Кодификација преставува прифаќање и систематизација на јазичните правили и закони и пропишување на задолжителна јазична форма. Кодификацијата на македнскиот јазик е поврзана со следниве истриски анстани: Со решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава; Со решението на Президиумот на АСНОМ од 5 мај 1945 г. за македонска азбука; Со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945 година).
Најчесто употребувани термини за неговото именување, поврзани со национални и политички цели на националната идеологија на соседните нации-држави, се: „дијалект“, „наречје“, „идиом“ или некаква си „мешавина на разни јазици“. Ваквото тенденциозно наметнување има за цел да го негира македонскиот национален идентитет, во кој јазикот зазема значајно место како критериум во неговото обликување. Така на пример, денес, како и во минатото, грчката интелектуална и политичка елита одбива да признае постоење на македонски јазик, тврдејќи дека тој е „само дијалект“ или „идиом“ на бугарскиот (понекогаш на српскиот, па дури и грчкиот јазик), со недостаток на „синтакса“ и „граматика“ (Karakasidou, 1993:11). Грчкиот политичар Стелиос Папатемелис со „доказите“ оди еден чекор понапред. Тој „тврди“ дека македонскиот јазик во основа е грчки. Ваквата констатација ја засновал на „фактот“ дека македонскиот колоквијален има само „300 до 500 зборови, кои биле користени од страна на овчари за да комуницираат меѓусебно, додека остатокот е грчки јазик“. Сепак, најчесто употребувана дефиниција е дека македонскиот јазик бил „комунистичка конструкција“, политичка „манипулација“, чија цел е иредентистичка, т.е. да отцепи оредени територии од грчката држава. Секако дека ваквите неосновани националистички конструкции несодејствуваат со реалните историско-лингвистички етапи во создавањето на македонскиот јазик и имаат исклучиво, како што кажавме, политичка и национална позадина.
Во секој случај, неоспорно јазикот преставува жива материја, подложен на различни модификации во историското време. Истото можеме да го кажеме и за македонскиот, но тоа секако дека важи и за останатите балкански јазици. Во таа насока, а тргнувајќи од фактот дека грчката нација воглавно се базирала на религијата и јазикот, и тенденцијата на грчкиот национализам за максимална национална хомогенизација, грчкиот јазик во историјата поминал во неколку развојни етапи, како пред формирањето, така и во периодот кога истиот станал национален јазик на грчката нација-држава. Јазичното планирање, како кај останатите балкански нации, била очигледна појава и во грчката држава. Тоа се случило преку две преклопени хронолошки фази, оденсувајќи се на катаревуса и демотики. Разликите меѓу овие два типа на грчкиот јазик не биле толку голема, како кај оние кои имале тенденција да постојат меѓу два сродни, но одделни јазици. Но, очигледно било дека јазичната промената од еден во друг тип, донела и до одредена промена на идентитетот на Грците (Mackridge, 2009:20). Тоа, сепак, не му дава право, секако ако го тргнеме настрана изливот на балканскиот национализам, на некој да го нарекува со некакви термини од типот на „вештачка творба“ или „конструкција“. Сето ова упатува на теоретската основа на нациите и национализмот и неговата инкорпорација во регионот на Доцноосманлискиот Балкан.
октомври 24th, 2011 — блогосфера, историја, колумни, лично Tagged Формирање на македонскиот идентитет во Доцноосманлиската империја
Појавата на балканските нации и национализми се поврзува со општиот светски тренд настанат под влијание либерализмот, кој своите корени ги има во идеите на просветителството; и национализмот кој се темели на романтизмот и историцизмот на 19 век. Сепак најважните фактори на кои се темели појавата и ширењето на национализмот на Балканот, како и создавањето на модерните нации-држави се: Религијата и религиозните институции, Јазикот како средство за дефинирање на националната посебност, како и надворешните фактори изразени преку политиката на Големите сили и нивната желба да ги реализираат сопствените национални интереси.
Функционирањето на Османлискиот систем се темелел пред се на религијата и нејзините институции. Додека исламскиот верски систем бил директно инсталиран во државните институции, христијанските заедници, иако второстепено, благодарејќи на црковните институции успевале да ја задржат внатрешната автономија. Југоисточна Европа кон крајот на 18 и почетокот на 19 век не бил регион означен со нации-држави туку со симболите на православието и исламот. Свеста на многумина султанови поданици не била обликувана ниту со училиштата, ниту со војската, – двете клучни институции преку кои модерната држава го пропагира националниот идентитет. Османлиската држава ги третирала нив врз основа на религијата, а не врз јазикот. Религијата правела демаркација меѓу заедниците и индивидуите, па дури и ги делела, но за разлика од другите делови на Европа нудела поголем степен на толеранција, со неограничена слобода на свеста.
До почетокот на 19 век “Словените”, “Грците” и “Власите” се уште претставувале една христијанска заедница, обединета во Рум-Милетот, а муслиманите без разлика на нивното етничко и јазично потекло, биле дел од муслиманскиот Милет. Селанецот најпрвин се чувствувал како член на семејството, на селската заедница и можеби малата културно издвоена заедница, а потоа Румот.
Според претходно изнесеното може да се изведе заклучок дека кога се зборува за појавата и развојот на националната свест кај христијаните на Балканот може да се различат три основни фази:
- Пан- православие. Првата фаза вклучува обединување на сите Православни околу религијата. Населението често е категоризирано како „Рум милет“, како формална категоризација, и „раја“ или „каури (ѓаури)“, како пејоративна категоризација, или се самоидентификува како „рисјани (христијани)“. Интересно е дека подеднакво употребувана Западна категоризација, која се однесувала на ова население, без разлика на јазикот е „Грко-православни“, или едноставно само „Грци“. Ваквиот начин на дефинирање врз основа на религијата се јавува како израз на креирање на разликите и опонирање на османлиската исламска религија и политичката доминација. Притоа, јазикот има второстепено, или воопшто никакво значење. Во политичка смисла овој концепт е промовиран со планот за обновување на Византиската империја на Јосиф Втори и Катерина Велика од 1774 година, попознат како „Грчки проект“. Носител на културното обединување на идната Империја требало да биде „високата култура на Грчкиот јазик“, кој во однос на вертикалната стратификациона поставеност кај балканските христијани веќе бил во доминантна позиција. Оваа фаза била каракреристична до првите неколку децении од 19 век, но нејзините остатоци, кај различните балкански народи, можат да се сретнат дури и во првата деценија од 20 век;
- Пан- славизам. Втората фаза вклучува одвојување на „Словенските“ од Грчкиот јазик, т.е. првенствено од православниот идентитет. Имено, под влијание на volk концептот, почнува како посебен да се формира „словенскиот јазичен идентитет“. Во почетокот овој нов идентитет се чини нема јасно издиференцирана политичка платформа, иако јасно е дека повторно, како и кај пан-православниот, зад него стојат руските интереси. Извесни предвесници на Панславизмот можат да се бараат и кон крајот на 18 век, но тој суштински се развива по Грчкото востание и прогласувањето на независност на Грција. Интересно е дека религијата и понатаму останува да биде примарен фактор на мобилизација, но сега е синтетизирана со јазикот во рамките на фолк културата и идејата за заедничка „словенска“ раса, која покрај пансловенско, јазично, има и биолгистички интерпретирано значење на претпоставка за одредени заеднички биолошки карактеристики. Панславизмот се јавува и во рамките на Хабзбуршката монархија, како Панилиризам, спонзориран од Западот и Католичката црква, со што во основа ги штити интересите на Папската држава и Западно- европските доминантни воени и политички сили;
- Национализам. Третата фаза опфаќа одвојување на словенските дијалекти во посебни кодифицирани јазици. Во оваа фаза се формира нов вид на замислена заедница обединета преку националното разбирање на поимот раса, врз јазично- дијалектна основа. Исто така се конструираат националните митови, кои постепено од религиски преминуваат во секуларизирани. Она што во политичка смисла ја издвојува оваа фаза од претходните е институционализирањето на културната матрица, која сега има основа да биде ре-создавана системски и систематски, преку механизмите на државата.
Протонационалната фаза на создавање на македонскиот идентитет недвосмислено се развива од поопширните панправославна и пансловенска фаза и се одликува со одредени специфичности. Ваквите развојни етапи можата да се проследат преку пишувањата на П. Р. Славејков од 1870-те, Петар Поп Арсов од 1890-те и К. П. Мисирков од почетокот на 20 век.
март 24th, 2011 — историја, лично Tagged архива - ВИНОЖИТО - Грција
Дел од старите списанија на македонската партија во Грција – ВИНОЖИТО (лична архива)
деведесети години

spisanie ZORA, br 10, maj 1996
текст за македонскиот јазик

Makedonski jazik (Makedoniki glosa) 1 del, februari 1994
За македонската нација

spisanie ZORA, br 10, maj 1996, "za makedonskata nacija"
март 22nd, 2011 — блогосфера, историја, лично, наука Tagged Грчки ОФИЦИЈАЛЕН документ од 1911 говори за постоење на македонски јазик !!!
да не се заборавиме, нешто последно што најдов…

февруари 23rd, 2011 — историја, наука, образование Tagged ВРХОВИСТИТЕ И ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ !!!, Зошто се посакувало во 1901 година да биде ликвидиран ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ од страна на ВМК (Врховистите) и бугарската држава????
Зошто се посакувало во 1901 година да биде ликвидиран ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ од страна на ВМК (Врховистите) и бугарската држава????


февруари 5th, 2011 — историја, колумни, лично, наука, општество
МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ:
МЕРКИ И СРЕДСТВА ЗА НИВНА АСИМИЛАЦИЈА

Балканските војни (1912-1913) преставуваат една од пресвртните моменти на Балканскиот полуостров во XX век. Потиснувањето на Османлиската империја од страна на модерните балкански национални држави, значело и прекројување на државните граници на Полуостровот. Балканските нации-држави се изборија за значајни територијални проширување, додека, од друга страна, со интервенција на Големите сили била формирана современата албанска држава. Македонија во тие околности, како централна област на Балканот и дотогаш погранична провинција на Османлиската империја, била физички разделена и инкорпорирана во државните територии на балканските држави (Грција, Србија и Бугарија). Долгогодишниот натпревар за Македонија кулминирал со меѓусојузничката војна од 1913 година. Но, и по овој период, деловите од Македонија, повторно погранични и веќе дел од новите државни организации, и понатаму продолжувале да бидат “јаболко на раздорот“ на Балканскиот полуостров. Тоа се должело, пред сè, на големодржавните национални програми на балканските држави кои предвидуваа вклучување на цела или најголем дел од територијата на Македонија во сопствените национални држави. Ваквите програми ги темелеле на “историските права“ на посакуваната територија и на македонското население, кое, според најразлични критериуми за одредување на националната припадност, го декларирале за “свое национално ткиво“ во Македонија.
Најголемиот, јужен, дел на географска Македонија припаднал на Кралството Грција, денес попознат и како Егејски дел на Македонија. Оваа територија била национално нехомогена, со припадници на различни етнички заедници, од кои доминантни биле Македонците, потоа Турците, Грците, Власите, Албанците, итн. Населението на оваа област, како поединци, по 1913 г. станале државјани на грчката држава, со свои права и должности кон истата. Паралено со ваквиот тек на настаните, започнал процес на создавање на една хомогена нација-држава, односно трансформирање, т.е. редефинирање на етничкиот идентитет во грчки национален. Во тој контекст, градењето на грчката нација во Северна Грција имал вклучено константна негација на етничкиот идентитет и негово трансформирање во еден поширок, повеќе инклузивен национален идентитет и свест. Грцизацијата на Македонија, од страна на грчките власти, се сметала како неопходен чекор кон интеграција на областа по проширувањето на грчката држава.
Асимилаторската политика кон македонското население која хронолошки започнала уште пред приклучувањето на Егејскиот дел на Македонија во составот на Кралството Грција, во периодот после Балканските војни добила неограничени можности. Во прв момент на официјална Атина и стана јасно дека програмите за асимилација ќе немале целосен успех меѓу бројното и компактно македонско население во новоосвоените територии, затоа најпрвин било потребно нивно физичко отстранување. Покрај добро испланираната и реализирана “доброволна“ размена на населние меѓу Грција и Бугарија, во помали размери, во тој период, било вршено преселување, т.е. депортирање на Македонци по грчките острови, особено на островот Крит. Исто така, не мал број на Македонци емигрирале од Грција како резултат на неповолната економска ситуација, но и поради теророт и притисоците од страна грчките државни органи. Големо олеснување во реализацијата на плановите за асимилација на македонското население се случува по преселувањето на повеќе од половина милион христијанско население од Турција во Егејскиот дел на Македонија по грчко-турската војна и Лозанскиот мировен договор од 1923 година. После ваквото драстично менување на етничката слика на населението во Северна Грција, полесно било да се употребат механизмите на државниот суверенитет и власта во напорите да се трансформира колективниот идентитет и свеста кај оние Македонци кои останале да живеат во своите вековни огништа. Најуспешни инструменти за спроведување на асимилаторските програми, во создавањето на лојални граѓани и присоединувањето кон „националното стебло“, се покажале образовниот ситем, црквата, грчката војска и полицијата.
Инкорпорирањето на новоосвоените територии кон останатото “национално стебло“ бил еден комплициран потфат кој барал искусни и способни кадри, финансиски средства и јасно определна цел и насоки во политиката кон “другите“. Грчките власти вложиле големи напори во асимилацијата на хетерогеното население, кое во најголем број од случаевите било населено во пограничните територии на грчката држава и од истата се сметале како опасност во случај на немири во регионот. На 18 септември 1923 г., веднаш по потпишувањето на Лозанскиот мировен договор, било свикано посебно советување во Министерството за надворешни работи, на кое учествувале премиерот на владата, Стилијанос Гонатас, министерот за надворешни работи и генералните управници на Централна и Западна Македонија. Предмет на советувањето било преземање на мерки за што поуспешно инкорпорирање на новоосвоените и “чуствителни“ територии во државата. Донесени били повеќе одлуки:
- Формирање на Министерство за новите земји, при што управата на истите да не се води од центарот (Атина), туку да има одврзани раце во неговото делување. Времето покажа дека дека од способноста и квалитетите на Генералниот управник и на другите државни службеници многу зависела асимилацијата на “спорните“ територии.
- Да се стимулираат државните службеници да прифаќаат функции во овие територии. Имено, службениците кои потекнувале од “Стара Грција“ назначувањето во новоосвоените земји го сметале како казна, а со тоа и нивниот придонес кон “национлната работа“ бил мал. Додека, исто така, нивните познавања за проблемите, состојбите и структурата на населнието биле минимални.
- Министерството за образование да соработува со Министерството за надворешни работи во насока за што побрзо распространување на грчкиот јазик меѓу туѓојазичните. Историјата покажа дека таа била и сè уште е главна цел на грчките националистички институции. Првиот чекор било отварањето на детски градинки и забавишта во “национално осетливите територии“. Со цел да се привлечат родителите да ги испраќаат нивните деца во овие установи било предвидено да се дели бесплатно млеко и да се изучува еден едноставен и лесно разбирлив народен грчки јазик. Покрај за најмладата популација биле предвидени мерки и за повозрасните. За нив требало да се отворат училишта во што поглем број и кадар посебно подготвен да им предава на Македонците. Предвидено било и печатење на книги кои немало да го засега верското и националното чуство на македонското население, се со цел, а како прва фаза, наметнување на грчкиот јазик. Исто така, се планирало отворање на практични технички училишта во кои конбинирано би се изучувал јазикот и занаетот.
Во овој период за прв пат била формирана известувачка служба, под името – “Служба за општа безбедност на државата“ (УГАК). Првичната цел на оваа служба била просветата на туѓојазичниците во Грција, контрола на сомнителни личности и групи, и заштита на населението од навлегување на странска пропаганда. После паѓањето на диктатурата на Теодорос Пангалос (1925-26) УГАК била расформирана поради конкуренцијата со полицијата. Подоцна, по возобновувањето на кралскиот режим во Грција (1935), службата била обновена и во почетокот била раководена од Генералштабот на армијата, а подоцна од Министерството за Јавен ред.
Друг фактор кој го потхрануваше незадоволството на малцинствата во Грција, во прв ред македонското, бил неизбежниот судир со “грчките“ доселеници од поранешната Османлиска империја. Тие биле население на територии на кои живееле “туѓојазичници“, додека стремежот на доселениците за освојување на просторот (имотите) била најчестата причина за меѓусебните несогласувања и за честите жалби на Македонците до Друштвото на народите. Така на пример, во октомври 1925 г., доселениците, или меѓу народот попознати како “маџири“, во с. Овчарани (Леринско) биле незадоволни од обработката на земјата што им била доделена од специјално формираната Комисија за сместување на бегалците (ЕАП), па така самоволно се прошириле на имотите на месните Македонци, под изгвор дека тие во минатото припаѓале на Турци. Споменатата Комисија го оправдала потегот на “маџирите“, додека одреден број на Македонци, разочарани и понижени од ваквата одлука, побарале српско државјанство, т.е. се преселиле во Вардарскиот дел на Македонија.
Еден од критеритумите за определување на нацијата и националната припадност е јазикот. Во таа насока, а со цел – поадекватно инкорпорирање на новото население во грчката нација-држава, посебно внимание од грчките институции било посеветено на просветната политика. Властите правеле големи напори да ги придобијат македонските деца да се запишат во грчките училишта и најважно – да “престанат да го употребуваат локалниот идиом“. Постоеле два начина за привлекување на македончињата во грчкиот образовен систем. Првиот, кој бил умерен и добро испланиран, предвидувал отварање на што поголем број на училишта во “осетливите“ територии, назначување на способни и посебно обучени учители, и безплатно делење на учебници, училишен прибор и униформи. Истовремено се планирало доделување на економска помош на Македонците. Другиот начин бил автархичен, т.е. постигнување на целта преку принудно убедување. Тоа значело принудување на учениците со закон да се запишуват во грчките училишта.
За време на петтиот премиерски мандат на Елефтериос Венизелос (1928-1932), со надворешен притисок, првенствено од Друштвото на народите, ставот на либералниот премиер, а со тоа и официјален став на грчката држава, бил отварање на малцински училишта и изучување на нивниот јазик. Во таа насока, Д. Агнидис, кадар на Друштвото на народите (ДН), по претходна консултација со Венизелос, му соопштил на Генералниот секретар на ДН во врска со македонското население во Грција, дека премиерот бил спремен “да отвори училишта во кои ќе се предава нивниот дијалект. Но, досега, никој не побарал такво нешто. Ако спонтано побараат ќе го имаат [училиштето], но ние тоа нема да им го наложиме“. Ваквиот став бил повторен и на крајот на Балканската конференција во 1930 г., кога на новинарско прашање Венизелос одговрил дека е спремен “да отвори малцински училишта доколку нардот тоа го сака“. Секако дека малцинските групи во Грција после сите репресивни и денационализаторски мерки тешко би се осмелиле да помислат на нешто такво, а не па и официјално да побараат. Дека навистина ова била само дипломатска игра на Венизелос пред надворешните притисоци, се потврдува и со фактот дека назначил надзорник за малцинства во својот кабинет, со задача “добро да ги спроведува договорите за малцинства и да назначува способни генерални управници во новите земји“.
Како и да е, Македонците, како и другите малцински групи во Грција, најтешките денови ги поминуваат по 1935 година. Мерките за денационализација и асимилација не само што продлжиле, туку се засилиле во својата енергичност и репресивни мерки. Така на пример, Министерството за надворешни работи ги покривала трошоците за Силогосот за распространување на грчката писменост, кој имал отворено во Западна Македонија училишта и домови за девојки, како и домаќинско училиште во Лерин, а со цел да се постигне успешно погрчување на македонските мајки. Во јануари 1936 г. во Службениот весник на грчката влада бил објавен законот за “Основање на служби за одбрана на државата“. Нивната цел, меѓу другото, била “да се пратат од било каква природа туѓите пропаганди кои работат во нашата земја“. Во таа насока, повикувајќи се на овој закон, било одземањето на грчкото државјанство на 340 Македонци кои работеле во САД и Канада, и им било забрането да се вратат во грчката држава и покрај тоа што нивните семејства живееле во Грција. Овој потег бил резултат на се поголемиот број на информации кои пристигале до официјална Атина за дејноста тамошните македонски комитети. Исто така, леринскиот префект, кој целосно ја поддржувал “Метаксасовата диктатура“, во 1937 г. ги предложил следните мерки за отсранување на секој антинационален елемент:
- Да им се одземе клирот (земја од 30 декари) на оние кои се работат против општествениот режим.
- Формирање на лохоси (чети) за принудна работа на оние кои се носители на превратнички идеи.
- Дел од пограничното население да се пресели на Југ, а друго население од јужниот дел да се насели во испразнетите места и куќи. На таков начин населението кое воопшто нема национална свест и е надоено со комунистички идеи ќе се одалечи од границата, и наместо тоа население ќе се населат луѓе кои по секој критериум се Грци.
- Да се изберат скоро 30 демобилизирани ветерани или резервни офицери со проверен морал и да се постават во поголемите славофони села како професори по гимнастика и организатори на младината, со што ќе ја постигнат целосната национална асимилација и нивно воспитување својствено на грцизмот. Тие истовремено ќе го сочинуваат и на некој начин окото на државата и будно ќе ја следат работата на учителите и движењата на селаните.
- Неопходно е да се отворат вечерни училишта во кои ќе се запишат возрасните мажи кои не го познаваат грчкиот јазик, на кои ќе им се предава посебна историја и истовремено ќе го изучуваат јазикот.
Во секој случај, постоела една цела редица на сурови мерки преземени врз Македонците во Грција. Според грчкиот антрополог Анастасија Каракасиду, реконструкцијата на личниот и општествениот идентитет, т.е. изградбата на грчкиот национален идентитет во овој период, се одвивал „со сета жар и речиси без отпор“. Но и покрај жестоките напори за асимилирање и конечно решавање на македонското прашање во Грција во периодот меѓу двете светски војни, тоа не се случило. Негово повторно актуелизирање се јавува во четриесетите години од минатиот век, т.е. во периодот на еднодецениските воени судири во грчката држава (1940-1949). Во овој историски интервал биле изразени целосно стремежите на Македонците за извојување на своите права. Во Егејскиот дел од Македонија тие имале свои национални и воени организации, македонски училишта, весници, литературно творештво на македонски литературен јазик, односно, на териториите под власт на ДАГ уживале голем дел од правата на едно национално малцинство. Во согласност со нивните аспирации, но и со моменталните интереси и конфронтации во комунистичкиот блог, националната програма на Македонците се движела од барања за добивање на национални права во рамките на грчката држава, до правото на самоопределување и создавање на македонска држава во составот на една идна балканска федерација.
Списание “Публика“ 5-2-2011
Димитар Љоровски Вамваковски
декември 9th, 2010 — вести, историја, лично, медиуми Tagged Егејски дел на Македонија, македонски јазик, Македонските историчари дојдоа до грчки документ кој го признава постоењето на македонскиот јазик, Македонци во Грција
Да се забрани македонскиот, и како мајчин јазик да се пишува исклучиво грчкиот. Ова е суштината на наредбата на леринската префектура од 1954 година откако грчката влада утврдила дека Македонците во северна Грција во формуларите за добивање на лични документи се пишувале Македонци со македонски мајчин јазик.
Во наредбата, која формално се повикува на националните интереси, грчките власти им наредуваат на матичарите да ги избришат зборовите македонски, албански, влашки и исклучиво за јазикот на таткото и мајката да впишуваат грчки . Димитар Љоровски Вамваковски, историчар од Институтот за национална историја, со чија помош е дојдено до оригиналниот документ, за Канал 5 вели дека ова е еден од најдобрите докази за асимилаторската политика на грчките власти кон Македонците во Грција. Документот на леринската префектура ги побива сите тези на Атина дека во Грција никогаш не постоело македонско малцинство.
-„Македонски” јазик, како што е одговорот од некој од вас на горенаведеното прашање, или „словенски” јазик не постоеше никогаш во грчка Македонија, а тие кои тврдат за обратното се жртви на антигрчката пропаганда, очигледно од не знаење.
Говорниот идиом од мал процент на жители на Македонија, домородци, воглавно постара популација, не е официјален јазик, ТУКУ месен јазичен идиом, затоа што ако беше јазик би требало како што се кажа погоре, да има азбука и граматика, т.е. со него да може да се врши коресподенција, точно како што се случува со ГРЧКИОТ, ФРАНЦУСКИОТ, АНГЛИСКИОТ и други официјални јазици”, стои во наредбата потпишана од министерствата за надворешни и внатрешни работи префектурата во Лерин од 1954.
Документот, според познавачите, е само дел од грчката стратегија за насилна промена на Националната свест кај негрците која во 1950 година во Парламентот во Атина јавно ја промовирал грчкиот министер за надворешни работи, Јаонис Софјанопулос. Делот од таа стратегија која предвидува молк во јавноста и медиумите за постоење на македонски народ во оваа земја, грчката влада успешно го спроведува веќе 60 децении.
ноември 29th, 2010 — историја, колумни, лично, наука Tagged ЕТНИЧКИТЕ ПРОМЕНИ ВО СЕВЕРНА ГРЦИЈА (МАКЕДОНИЈА) - (1912 - 1928)
Во целиот период меѓу двете светски војни грчките официјални органи ќе се трудат да докажат дека со населувањето на огромни бегалски маси била извршена грчка национална хомогенизација на грчка Македонија. Официјалната теза на грчката политика била дека во нејзиниот дел на Македонија немало друго население. Сите биле Грци. Оние што не се чуствувале така, ’доброволно’ си заминале од државата. Бидејќи, сепак, не можело да се сокрие присуството на повеќе од 200 000 Македонци, надлежните грчки органи, владиниот печат, политичарите и интелектуалците докажувале и настојувале бројот на Македонците во Грција да го прикажуваат колку што е можно помал од реалниот и секогаш нив да ги третираат како грчко население со неразвиена грчка национална свест.
Доказ за присуство на Македонците во овие предели било влијанието на македонскиот јазик. Така на пример, голем број на грчки весници од тоа време укажувале на ’опасноста’ бегалците од грчко – турската војна (1922), кои биле населени во Македонија, полесно да го научат македонскиот, отколку грчкиот јазик, особено туркофоните бегалци. Логичен заклучок е дека само компактна маса на еднородно население можела природно и без принуда да има толку силно влијание врз новонаселените бегалци. И покрај огромниот притисок, македонскиот јазик и натаму се одржал како основно средство за комуникација меѓу населението. Неговото исфрлање од секојдневната употреба било нерешлив проблем за грчката држава. Јазикот останал важен фактор во чувањето на свеста за националниот идентитет на Македонците и силно оружје против обидите за негова асимилација, особено за време на Метаксасовата диктатура (1936-1940). Од многубројните информации од тоа време се наведува дека на пазарен ден во западниот дел од грчка Македонија човек имал впечаток ’дека не се наоѓа во грчка земја’.
Бидејќи грчките официјално органи од овој период не признавале постоење на етничко македонско население во Грција, многу е тешко да се утврди вистинскиот нивни број. Затоа ќе користиме други извори. Така на пример, блиску до реалноста се бројките на КПГ од 1935 година. Раководејќи се од потребата да изгради сопствена политичка определба во врска со македонскиот проблем во Грција, раководството на партијата, не верувајќи им на официјалните државни органи, спровела сопствено демографско истражување. Резултатите од ’пописот’ покажале дека тогаш во грција имало од 240 000 до 280 000 Македонци. Во Леринскиот округ – 60 000 или 71% од вкупното население, во Костурско – 34 000 односно 55%, Воденско – 75 000, Кајларско – 10 000, во окрузите Серез и Драма – 45 000 и во Солунско 15 000 Македонци.
Познатиот научник Димитар Јаранов дошол до заклучок дека и покрај сите преселби на етничките Македонци во Грција, на почетокот на Втората светска војна таму живееле околу 250 000 Македонци. Големиот број на Македонци во овој број, и покрај големото нибно иселување и денационализација во овој период, се должи на големиот демографски прираст од околу 20 %, забележан меѓу 1928 и 1940 г. меѓу македонското население. Може да заклучиме дека етничките Македонци во Северна Грција (Македонија) пред почетокот на Втората светска војна преставувале 1/5 или 20 % од целокупното население.
Димитар Љоровски Вамваковски
ноември 28th, 2010 — историја, лично, наука Tagged македонска нација, ТЕОРИЈА
Ако кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, од страна на една соседна, но мошне моќна пропаганда (ЧИТАЈ БУГАРСКА), ВМРО била сметана за „политички сепаратист“, а Македонистите (К. П. Мисирков, Чуповски и другите) за „национални сепаратисти“, тогаш овие две компоненти се едни од најважните во создавањето на модерната македонска нација!!!
ноември 18th, 2010 — вести, историја, колумни, лично Tagged како сакате !!!, Македонска или новинарска работа
Текстот го пишувам со своевиден револт, и покрај тоа што се работи за добра вест. Македонците во Грција за прв пат добија кмет, национално осознаен Македонец. Тоа е убавата вест, која јас и уште некои во Македонија ја знавме уште во првиот круг, но…
Беше недела, првиот круг од изборите во Грција, бевме собрани неколку луѓе во еден од скопските кафичи, со еден од членовите на колективното претседателство на „Виножито“, покрај секојдневните разговри, глевна тема беа изборите, се чекаа резултатите. Околу 9:30 часот ја дознавме радосната вест. Бидејќи со нас имаше новинар, договорот беше да не се шири веста, додека истата не се објави најпрвин во Грција или, пак, тоа го објави најпрвин самата партија „Виножито“. Сите се придржувавме до тоа, иако е многу тешко да држиш во себе ваква радосна вест.
И се случи тоа, веста беше објавена, и замислете не од тие новинари кои знаеја, туку од сосема други, е сега работата како поминуваат вакви информации?!? Зарем толку да се нема чуство за национални работи?!? Последиците, секако, дека ќе ги сносат Македонците во Грција од ваквите работи, бидејќи во Грција многу е лесно да ти залепат етикета „Скопјанос“, а со ваквите работи само им се помага тоа полесно да го прават, но а јде, да не прдолжувам, поентата е таа, а чуството на одгворност и патриотизам пред се’ е сосема друга работа…
Честитки до сите Македонци во Грција, историски резултат, кој да се надеваме дека ќе донесе позитивни промени и се разбира, другата година на 20 јули (Илинден) ќе прославиме во Овчарани
!!!